Лидерот на ДУИ, Али Ахмети упати извинување до претседателката на Косово, Вјоса Османи, осудувајќи го вчерашниот инцидент, притоа поврзувајќи го со имињата на рускиот претседател Владимир Путин и српскиот претседател Александар Вучиќ.
„Почитувана претседателке, многу ми е жал за неприфатливиот дипломатски инцидент и скандал на скопскиот аеродром и го осудувам во најостра можна форма. Јас црвенеам од нивниот срам и ги молам сите браќа и сестри во Косово, но и нашите граѓани да им простат затоа што не знаат што прават“, напиша Ахмети на својата Фејсбук страница.
Тој во реакцијата додава дека не може да се очекува ништо друго, кога се гази демократската волја на граѓаните, алудирајќи на изборниот резултат и тоа што ДУИ не е партнер во Владата.
„Кога не се срамат да газат врз сопствениот народ, врз демократската волја на граѓаните на избори и да се стават во вазална и сервилна служба на некој друг, носејќи ги Путин и Вучиќ во Влада, тогаш никој нема да ги прашува за што било и ќе не срамат секој ден, по неколку пати на ден“, пишува Ахмети.