Лидерот на ДУИ Али Ахмети, порача дека пописот на населението не треба да се претвори во политичка битка. Според него, резултатите од пописот се прифатени од сите институции во земјава и од релевантните меѓународни организации.
-Пописот, статистиката во државата, не треба да се претвори во бесмислена меѓуетничка битка. И јас сум граѓанин на оваа држава и ги гледам реакциите, но ми се чини дека сета оваа битка се врти за освојување политички поени и рејтинзи на политички план. Овој статистички потфат е управуван, следен од релевантни институции на ОН со експерти од областа на статистиката и ова е резултатот. Овие резултати се политички поддржани и од ЕУ и од САД – изјави Ахмети.
Опозициската Алијанса за Албанците, пак, има многу забелешки за спроведениот Попис.
-Пописот е државен интерес, а не владин интерес. Требаше да има комисија која ќе ги обработи податоците и да ги соопшти пред јавноста, а не тоа да остане во рацете на директорот и заменик-директорот, без разлика дали им се врзани потписите или не – изјави лидерот Зијадин Села.
Според него, во објавените резултати има работи кои се противзаконски, како што за попис беа предвидени етнички заедници кои се противуставни и не постојат.