ДУИ и Народното движење ја потпишаа коалицијата наречена „Европски фронт“.
Претседателот на ДУИ, Али Ахмети рече дека само со членството во Европската Унија може да се спречи младите да си заминат од Македонија.
„Ова обединување е повеќе од потребно. Треба да се поддржи од турската заедница, ромската заедница. Ви настапуваме навистина чесно. Затоа мораме сите ние едногласно да ги поддржиме овие обиди кои произлегуваат од срцето, затоа што Албанците историски изгубиле во одлучни моменти, кога не биле обединети. Да ги реализираме соништата на нашите предци. Да ги зајакнеме нашите позиции, да не паѓаме во заседа на пропагандата на партиите, туку да ја гледаме нашата историска мисија, да ја држиме во живот успешно и на 24 април да го поддржиме нашиот кандидат за претседател, Бујар Османи и да продолжиме и на 8 мај, да победи „Европскиот фронт“, затоа што токму ова е мисија која тече.
Јас сум рекол дека ние правиме максимални обиди за нашата земја да чекори кон Европската Унија, затоа што тоа е единствена алтернатива. Како може да го стопираме тоа што нашите луѓе бегаат, тоа може само со членство во ЕУ. Тоа го сториле сите земји членки, нивните луѓе повторно се враќаат во своите земји.
И регионот има потреба за поголема стабилност. Ние велиме „да“ за ЕУ, „не“ за Русија“, рече Ахмети и додаде дека се во тек преговори и со други политички партии.
„Зборуваме со сите, и со Алијанса за Албанците, и со господинот Тачи и со Аријанит Хоџа и со турската партија и со ромската партија да се приклучат во оваа коалиција“, рече тој.
Лидерот на Народното движење, Скендер Реџепи најави промени во судството и обвинителството. Тој ги повика во „Европскиот фронт“ да се приклучат и други политички субјекти и невладини организации.
„Денеска за нас е историски ден. Денеска се отвора поглавје кое се нарекува „Европски фронт“ и кој ќе се памети долго, бидејќи овој фронт ќе биде носител на промени, на подобрување на животниот стандард. Овој фронт ќе биде добар, бидејќи нашето општество без етнички проблеми ќе биде подобро општество. Овој фронт е почеток, иницијатива која ќе докажува дека ние нашите цели ги имаме со работа и долгорочни дела“ порача Реџепи.