Лидерот на владејачката ДУИ, Али Ахмети смета дека за 3-4 години земјава ќе биде членка на Европската Унија.
„Јас сум оптимист, секогаш сум бил и ќе останам. Без да се крене белото знаме. Поминавме многу соочувања и тешкотии и постигнавме успешно да ги завршиме важните поглавја и за државата и за стабилноста. Најголемите оптимисти не мислеа дека некогаш ќе бидеме членка на НАТО, но тоа сега е реалност. И големите оптимисти не би верувале дека Македонија како мултиетничка државва може да биде пример за решавање на проблемите“ рече денеска меѓудругото Ахмети.
„Ако некогаш сме мислеле дека ќе ни требаат 10 години за членство во ЕУ, сега јас верувам дека за 3-4 години ние ќе бидеме членка на ЕУ, бидејќи и околностите се сменија во полза на тоа овојпат да се забрза“, нагласи тој.
Според Ахмети, треба да се направат уставни измени, а затоа треба да има помирување меѓу сите субјекти што имаат одговорност за судбината на државата.
„Јас мислам дека може да се постигне помирување, да ги стават сите интересите на државата, иднината на генерациите. Нема политички интереси дали ќе победиме на другите избори“ е пораката на Ахмети на денешната дебата на тема „Европски фронт”, организирана за годишнината на ДУИ.