Иако ВМРО-ДПМНЕ и Христијан Мицкоски уверуваат дека ниту еден пратеник нема да поддржи промена на Уставот, додека внесот на Бугарите во Преамбулата почна да го условува и албанската опозиција – Беса, Алтернатива и Демократско движење, сепак, во власта владее оптимизам дека процесот ќе заврши успешно пред изборите.
Партиски извори од ДУИ велат дека се водат плодни и ефективни разговори со пратеници на ВМРО-ДПМНЕ, а воедно се преземаат и друг тип на активности кои треба да го осигураат процесот. Според нив, се игра и на картата Никола Груевски, кому треба да му биде олеснета ситуацијата на правен план.
Ахмети тврдел дека има план за Груевски – ќе помогне од далечина или ќе се врати во земјава?
–Мицкоски згреши што не влезе активно да учествува во процесот, па дури и отвори војна со нас, посакуваше поделба на партијата и уште работи на тоа – велат нашите соговорници од редот на „интегративците“.
Во тој контекст, треба да се наведе дека во последното интервју на ТВ 21, партискиот лидер Али Ахмети изрази невиден оптимизам, истакнувајќи дека цела домашна и меѓународна активност е насочена кон уставни измени до ноември.
–Јас сум секогаш оптимист. Дали некогаш сум звучел песимистички? Колку години ме следите во политиката? Дали се согласувате дека се што сум рекол досега се реализирало? Дали има нешто што сум рекол а не испаднало така? Еве сега ви кажувам, уставни измени ќе има – самоуверено рече Ахмети.
И во СДСМ владее оптимизам дека ќе има уставни промени, но потенцираат дека работата е далеку од готова и завршена. Висок партиски функционер ни изјави дека партискиот лидер и премиер Димитар Ковачевски имал зголемен оптимизам особено после враќањето од САД.
–Во секој случај, се работи за рационален оптимизам. Како што се веруваше во „францускиот предлог“, така се верува во промена на Уставот. Се работи за голема шанса што мора да се искористи, кој ќе влезе во ЕУ сега ќе влезе, сега е моментот и после којзнае кога – вели тој.
Инаку, Ковачевски моментално е во посета на Шпанија, каде една од главните теми на европската политичка заедница е проширувањето на ЕУ. Како што рече тој, во рамки на Унијата се води дебата во однос на подготовката на ЕУ за прием на нови членки.
–Ние мислам дека се наоѓаме во одлична позиција со оглед на тоа дека минатата година ги отпочнавме преговорите со ЕУ. Од друга страна, ЕУ има стратешки интерес и веќе отворен процес за свое прилагодување коешто е паралелен процес во однос на тоа дека ќе треба да функционира во иднина со земји кои што имаат поголем број од сегашниот – изјави премиерот.
И покрај тоа што во делови на власта има и размислувања да не се форсираат уставни измени пред избори, туку да се брка двотретинско мнозинство на избори со голем европски фронт, сметајќи и на помошта на антимицковистичката опозициска групација, според дипломатски избори, Западот се залага за предизборна промена на Уставот, бидејќи после избори може да се случи сѐ и сешто.
Според одредени проценки во кампот на власта, опозицискиот блок околу Стевчо Јакимовски и Данела Арсовска, евентуално поддржан од Груевски, може да освои меѓу 50.000 и 100.000 гласа. Уште повеќе може да откине ако Груевски директно настапи.
Јакимовски и Арсовска ловат поддршка од Груевски, тој и Мицкоски ја спуштаат топката!
Наспроти тоа, во ВМРО-ДПМНЕ сметаат дека нивната изолација со помош на албански партии и ударот од внатре од Груевски ќе ги радикализира и на тој начин ќе постигнат уште подобар резултат од очекуваниот близу 60 пратеници.
Одговарајќи на прашање дали се уште стои на ветувањето дека ќе се повече од политика макар и еден пратеник на ВМРО-ДПМНЕ да гласа за уставни измени, Мицкоски за „Фокус“ вели дека „сега единствена опција на маса е ВМРО-ДПМЕ да победи на следните избори“.
–Да ги засукаме ракавите и да го надоместиме загубеното овие 5-6 години. Сега за 5-6 месеци да отвориме тема дали еден, двајца тројца… Прво, тоа е невозможно, никој нема тоа да го направи, ние треба да се фокусираме на иднината, а тоа е ВМРО-ДПМНЕ во влада, многу проекти и добрата вест е што подобри времиња доаѓаат за Македонија – рече тој.
Влатко Стојановски