Секогаш сме работеле да има мир и стабилност не само за нашата земја, туку и за целиот регион, да се бориме против злото и да најдеме заеднички јазик, порача лидерот на ДУИ Али Ахмети од вечерашната трибина со жителите селото Шемшево во општина Јагуновце.
Лидерот на ДУИ истакнал дека земјава се наоѓа во историски и одлучувачки моменти и дека тие се дел од проевропскиот фронт затоа што тој ќе обезбеди подобар живот за идните генерации.
-Се наоѓаме во историски и одлучувачки моменти, па да ги оставиме зад себе остатоците и ситниците, бидејќи ние сме храбра генерација и тоа го имаме докажано. Сигурен сум дека тоа ќе се направи, дека Албанците се на страната на Европа и се дел од неа. На стабилноста на Европа и треба Македонија, во насока на спречување на миграцијата и создавање услови за подобар стандард во земјата. Ние сме дел од овој проевропски фронт затоа што тој е важен за сите нас и ќе обезбеди подобар живот за идните генерации – рече Ахмети.
Првиот вицепремиер Артан Груби, пак, покрај реферирањето за повеќе владини проекти, упатил и неколку политички пораки.
-Сакаме силна Македонија со сите народи што живеат тука. Значи влажниот барут на Мицкоски има само една цел, да го држи народот под страв и поделеност, страв од Грците, Бугарите, Албанците итн… Политиката на страв е политика на регресија, но не ни треба, нам ни треба напредок – рече тој.