ДУИ ги повика политичките партии, особено оние на власт без одложување да се побара мониторинг од меѓународната заедница за сеопфатен ветинг на сите јавни функционери во последните години.
Ова било кажано на собир на тесното претседателство на партијата како подготовка за утрешниот состанок на централното претседателство. За време на овој состанок, беше дискутирано за, како што велат, лажната пропаганда и обвинувањата за корупција на високо ниво.
-Како партија, посветени сме борбата против корупцијата да не се претвори во битка за дневни и партиски интереси, туку да служи за откривање на вистината и спречување на овој штетен феномен. Оттука ги повикуваме сите политички партии, особено оние на власт, без одложување да побара меѓународната заедница мониторинг за сеопфатен ветинг на сите јавни функционери во последните 30 години, велат од ДУИ.
Нагласуваат дека овој чекор е клучен за зголемување на транспарентноста и враќање на довербата на граѓаните. Одбивањето на ова итно барање, како што се додава, ќе покаже не само користење на лажни обвинувања за прикривање на вашата неспособност и коруптивност, туку и недостаток на храброст за соочување со вистината за корупцијата во земјата.
Од ВМРО-ДПМНЕ им порачуваат дека нема да ги спаси ветинг и дека сите што краделе ќе одговараат.
-После толку години власт и пљачка на државата Ахмети сега сака да си ги спасува внуците кои добија кривична и сите бандити кои беа дел од неговото лично опкружување, а кои станаа милионери со нула капацитет интелектуален и нула напор, само преку кражба на народни пари.Зошто не бараа ветинг кога беа на власт или тогаш му веруваше на неговиот комшија од Зајас, а сега главен обвинител на организиран криминал кој го стави на сила со помош со неговите слуги од СДС. Дали ветинг му треба да се открие како од едни просечно ситуирани граѓани кои се занимавале со овчарство како никаде во светот станаа милионери? Дали ветинг му треба да провери како Миле Зечевиќ, Зоран Заев, Венко Филипче лапаа од тендери во РЕК и здравството? И како Муса Џафери и Артан Груби работеа со струја и со подизведувачи на патишта низ Македонија?, се вели во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.
Тие му порачаа на лидерот на ДУИ, Али Ахмети да престане да се крие зад вакви маневри за ветинзи.
-Време е да се провери и обелодени што точно сте правеле и вие и сите политичари без разлика на етничка, верска и партиска припадност. За тоа не треба ни меѓународен ветинг, нит бутур. Има закони во оваа земја. Треба само да важат тие закони и да се применуваат за сите подеднакво. Тоа во ваше време не се правеше. Ако се правеше немаше да кажувате вакви панични идеи за меѓународен ветинг. Нема да ве спаси ни ветинг. Тој што крадел ќе одговара.
Го прашуваме Ахмети со какви знамиња ќе протестира кога ќе го брани сопствениот криминал со зелени како партија на зелените како што се ребрендираа пред неколку години кога кажаа дека ги решиле сите етнички прашања тука, или со знамиња на ЕУ како Европски фронт.
ВМРО-ДПМНЕ го повикува Венко Филипче да излезе од скутот на ДУИ и да не прави мрачни дилови со нив со кои се загрозуваат демократијата и правната држава. А на Али Ахмети му порачуваме дека има време, кога се ќе излезе на виделина, се вели во реакцијата.