Лидерот на ДУИ, Али Ахмети кој го предводи Европскиот фронт ги обвини албанските партии кои ќе бидат дел од новата влада, дека го прекршиле договорот за невлегување во владина коалиција без уставни промени. Тој рече дека тие го нарушиле легитимитетот на слободното гласање и на Охридскиот договор.
Ахмети нагласи дека неприфатливо е коалицијата која освоила помал број мандати да стане дел од владата.
„Европскиот фронт и албанската опозиција, во месеците декември 2023 и јануари 2024 година, заеднички се договорија и потпишаа декларација за невлегување во владино партнерство без уставни промени и гаранција за европскоиот пат.
И покрај сите аргументи и резултати, дури и со пратеници, дури и со апсолутни бројки на гласови, дури и со победи во две третини од општините, поразените на изборите, без легитимитет на суверениот, потклекнаа целосно игнорирајќи ја волјата на народот, Охридскиот договор, легитимитетот и без никаква почит кон оние кои ги донесоа сите овие квалитативни промени во нашата држава. Луѓето не прашуваат, кое е значењето на демократијата кај нас ако мнозинската заедница определува кој ги претставува Албанците, Турците, Ромите, Бошњаците и другите заедници?
Зошто овие заедници треба да се организираат во политички партии и да учествуваат на избори за да го добијат легитимитетот на нивните сонародници ако, без разлика на волјата на нашите заедници, најголемата македонска партија одлучува за нив според нивните преференции и претпочитања?
Овој начин на размислување, оваа вазално дејствување, нè враќа во времето пред повеќе од две децении кога заедниците беа дискриминирани, третирани како граѓани од втор ред и не се почитуваше волјата на демократскиот глас на заедниците, туку други одлучуваа наместо нас“ порача Ахмети.
Според Ахмети легитимитетот е столб на стабилноста, безбедноста, благосостојбата, еднаквоста.