Во парламентот денеска продолжува собраниската седница на која се наоѓаат десетина закони по скратена постапка, меѓу кои и новиот Закон за Агенцијата за разузнавање, кој треба да го замени стариот закон донесен уште во далечната 1995 година.
За разлика стариот закон, во новото законско решение, меѓу другото, се предвидува задолжително полиграфско тестирање во рамки на постапките за вработување на нови лица во Агенцијата.
Ако досега полиграфското тестирање беше пропишано со подзаконски акт и тоа се вршеше на доброволна основа, со новиот закон се предвидува тоа да претставува услов за работа, покрај соодветно образование, неповрзаност со политичка партија итн.
Во Членот 27 од предлог-законот предложен од Хари Локвенец од СДСМ и Џевад Адеми од ДУИ уште се наведува дека кандидатот за вработување во Агенцијата потпишува писмена согласност за да му се изврши полиграфско тестирање за вработување, но и за проверка на професионален интегритет.
Доколку лицето го одбие тестирањето, се смета дека кандидатот не ги исполнува условите за вработување, а притоа агенцијата нема обврска да ги образложи причините за тоа.
Притоа, начинот на спроведување на тестирањето го спроведува директорот на Aгенцијата, кој се избира врз база нa неколку критериуми, меѓу кои да нема државјанство на друга држава, да има минимум 15 години работно искуство во безбедноста, одбраната или надворешната политика, да ги исполнува условите за безбедносен сергитикат итн.