Агенција за контрола на употребата на јазикот што го говори над 20 отсто од населението, односно на албанскиот јазик, ќе набавува информатичка опрема и софтвер за превод на документи.
Според податоците од Бирото за јавни набавки, Агенцијата пред два дена објавила два огласи, од кои едниот се однесува за набавка на информатичка опрема во отворена постапка, при што критериум за доделување на набавката е економски најповолна понуда, која ќе се утврдува според цената.
Од техничката спецификација произлегува дека набавката се однесува на 52 персонални компјутери, исто толку ЛЦД-монитори, 5 ласерски принтери, ласерски фотокопир, сервер…
Според тендерската документација, не се бараат минимални услови во поглед на економско-финансиски резултати, што значи дека нема минимална граница на остварени приходи во определен период.
Истиот ден (09.11.2019), Агенцијата објавила и оглас и за набавка на софтвер за автоматско преведување на документи од македонски на албански и обратно во таканаречена поедноставена отворена постапка, што ќе се врши според принципот на квалитативен избор.
Притоа, потребен услов за заинтересираните компании е да бидат регистрирани за дејноста поврзана со набавката и да поседуваат соодветен технички персонал и сертификати, но нема ограничувањата од аспект на економско-финансиската состојба.
И во двата случаи се остава можност учесниците во постапката да користат и подизведувачи, со помош на кои би ги исполниле потребните критериуми и услови.
Како што е познато, оваа агенција на чело со директорот Илбер Села се ситуираше врз основа на законот за јазици што го донесе актуелното парламентарно мнозинство на СДСМ и ДУИ по формирањето на новата влада на средината на 2017 година, но дури годинава се екипираше и трајно се смести во сопствени простории, а сега почна да ја набавува и потребна опрема.
В.С.