Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги одлучи да додели финансиска помош за справување со последиците од корона вирусот во вкупен износ од 105 милиони денари, односно околу 1,7 милиони евра.
Како што информираат од Агенцијата, најголемиот дел од средствата, или 103 милиони денари, се доделуваат на радиодифузерите, односно 73 милиони денари на радиодифузерите (комерцијални и непрофитни) коишто во моментов вршат телевизиско или радио емитување и 30 милиони денари на Јавниот радиодифузен сервис.
„Овие средства се доделуваат за заштита на своите вработени преку набавка на заштитни средства, за трошоци поврзани со производство, набавка и емитување на програма, за санирање на негативните последици врз нивното економското работење поради корона вирусот и овозможување нивно непречено функционирање“, велат од Агенцијата.
Покрај тоа, по милион денари се доделуваат на Министерството за внатрешни работи и на Министерството за здравство за мерки и активности за заштита на своите вработени преку набавка на заштитни средства и набавка на друга опрема и средства неопходни за извршување на активностите за превенција, спречување ширење и справување со последиците од коронавирусот.