„Агенција за победување на избори“: Кој е израелскиот консултант Асаф Еисин, чие име влезе во предизборната кампања во земјава?

Израелскиот експерт за политички маркетинг Асаф Еисин, кого опозицијата го обвинува дека има непринципиелна и нелегална соработка со власта, долги години работи за српскиот претседател Александар Вучиќ, чии соработници го нарекуваат „Агенција за победување на избори“. Исто така, медиумите пишуваат дека тој работел и за политичките елити во Словенија, Романија, Црна Гора, а, како што неодамна објави „Фокус“, овде имал одредена соработка со Никола Груевски и Зоран Заев. Неговото име го споменавме во контекст на други израелски ПР-експерти, вклучително и неговиот ментор Тал Силберстеин, кои поседуваат компании регистрирани на иста адреса со казино во Визбегово.

by Фокус

Израелскиот експерт за политички маркетинг Асаф Еисин стана често споменувано име од страна на политичките актери во пресрет на двојните избори, откако опозицијата ја обвини власта дека ги користи неговите услуги во рамки на предизборната кампања. Власта, пак, ги отфрли обвинувањата дека го ангажирале Еисин да фабрикува афери и да фалсификува документи за политичките противници.

Првично, оваа тема ја отвори потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николоски, кој на средината на минатиот месец март јавно праша дали претседателот Стево Пендаровски неодамна бил посетен од „еден стратегист и подготвувач на изборни кампањи и на анкети, по потекло од Израел“.

-Кој што случајно во минатото но и сега има работено во една соседна држава за тамошниот претседател, во друштво со одредени лица од Романија и Хрватска. И да го прашам дали тие луѓе ќе му ја водат кампањата? Ако му ја водат кампањата, дали тоа ќе го пријави во Антикорупциската комисија? Затоа што ако не го пријави е кривично дело. И колку тоа ќе го чини и од каде ќе ги најде тие средства? – праша тој.

Потоа, Николоски истакна дека мисли на Еисин, кој, како што рече, е советник или ПР-експерт и на видни лица од политиката на нашиот северен сосед. Притоа, обвини дека тој е плаќан со црни пари на рака и затоа, според него, неговото име не може да се најде во ниту една официјална евиденција.

До нас стигаат кредибилни информации дека ова лице е плаќано на рака, односно во кеш, од средства кои што се сомнително прибавени од страна на политичката партија СДСМ, најчесто од тендерите во РЕК Битола. Па, сакаме да прашаме дали можеби странскиот консултант е платен од тендерите кои што ги доби во РЕК Битола белорускиот конзул? – праша Николоски.

Во меѓувреме, Пендаровски потврди дека имал средба со Еисин, посочувајќи дека тој и неговите соработници го сретнале лицето во својство на консултант на СДСМ на средба организирана од владејачката партија која го поддржува на претседателските избори. Во една друга прилика, пак, тој подетално говореше за странскиот консултант.

Асаф бил кај мене како многу други кои се нудат во очи на кампањата да ја работат кампањата од ПР аспект. Ја даде својата понуда и јас единствено што направив го упатив на оние што ме поддржуваат и кои ќе ја плаќаат таа кампања утре, ако тие сакаат да склучат договор со него. Значи тоа е таков тип на средба… – рече Пендаровски.

Според него, чудно е како опозицискиот лидер Христијан Мицкоски го примил на средба Еисин, ако тој навистина нудел услуги за валкана кампања. Како што тврди Пендаровски, ниту една агенција што дошла кај него, вклучително и Еисин, не му споменал или понудил услуга – валкана кампања.

Значи човекот кога дојде кај мене на тој тип на презентација како што доаѓаа и 4-5 други агенции да презентираат што нудат ни еден од нив не ми спомна валкана кампања. А да не сте вие навикнати на валкани кампањи па барате такви меѓународни мешетари, инаку зошто би дошол тој кај вас и би го зборел тоа што кај мене на пример не го зборуваше – истакна Пендаровски.

Претходно, Мицкоски на предизборниот митинг во Скопје, пред Владата, рече дека Еисин, кој патем го нарекува мешетар од Израел кој фалсификува документи, дошол со понуда за соработка и кај него. Меѓутоа, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ тврди дека го избркал Еисин и му било кажано дека ќе одговара, при што, според неговите зборови, тој дури ја згрешил излезната врата.

Оваа кампања ВМРО-ДПМНЕ ќе биде фокусирана кон понуда, план за излез од кризата, а нема да се занимаваме со нашите противници. Од другата страна гледам дека СДСМ очајнички прибегнува кон црна кампања, кон измислување и фалсификување на документи. Тие во отсуство на сериозна програма, во ситуација кога цела јавност знае дека нивниот збор не држи, дека немаат ниту еден резултат, ниту еден успех, туку само скандали и корупција, тие прибегнуваат кон црна кампања – рече Мицкоски.

Инаку, тој и ВМРО-ДПМНЕ токму на Еисин му ја припишуваат аферата, според која  опозициската партија правела план за креирање на јавното мислење врз база на лажни анкети, на врбување на ресурси во изборни цели итн. Додека од таму велеа дека се работи за фингиран случај, партискиот портпарол Наум Стоилковски на прес-конференција изјави:

„Имаме основано сомневање дека зад таквата мрежа за фалсификување на документи и лажни вести кои веќе се употребуваат против ВМРО-ДПМНЕ се брутално злоупотребени најмалку две државни институциии. Шемата и нашите основани сомневања се дека зад ова седи директно Стево Пендаровски, неговиот директор на разузнавање Еролд Муслиу како и поранешниот разузнувач, а сега генерален секретар на СДС Миле Зечевиќ“.

Имено, Стоилковски вели дека Пендаорвски, Муслиу и Зечевиќ, заедно со Еисин, се креатори на црната кампања против ВМРО-ДПМНЕ, поради страв од изборен пораз. Но, Пендаровски ги демантираше овие наводи и најави тужба против опозициската партија.

„ВМРО-ДПМНЕ, немајќи реална политичка понуда, планирале противзаконски активности за манипулација на изборите преку креирање на лажни вести, злоупотреба на јавниот сервис, притисоци врз јавната администрација, или со други зборови, практикување на старите навики на партијата која ја имаше заробено државата со години“, возвратија од претседателскиот кабинет, од каде очекуваат Јавното обвинителство да ги испита сите наводи изнесени во медиумите.

Впрочем, дали е точно тврдењето на власта дека Еисин нудел легитимни услуги, или, пак, е точно обвинувањето на опозицијата дека тој фабрикува лажни афери и фалсификува документи, може да се потврди ако има епилог од постапката отворена од Јавното обвинителство, која отвори предмет „врз основа на наводи изнесени од една политичка партија кои се однесуваат на сомненија околу финансирање на изборна кампања на друга партија“.

Она што е неспорен факт е дека Еисин бил присутен во земјава и посетил неколку политички адреси. Како што веќе пишуваше „Фокус“, тој одамна е присутен во Србија, каде долги години работи како политички консултант на српскиот претседател Александар Вучиќ. За тоа редовно пишуваат српските медиуми, а во една пригода Вучиќ рече дека без советите на неговиот пријател Еисин не би победувал толку долго и често.

– Еисин ми е пријател скоро една деценија. Благодарение на неговите сугестии, ја намалив предноста на Ненад Богдановиќ на изборите за градоначалник на Белград во 2004 година од 16 на само 0,5 отсто. Ми помогна тогаш, ни помага и сега и секогаш ќе ни помага – рече Вучиќ, чии соработници го нарекуваа Еисин „агенција за победување на избори“.

Каков беграунд имаат политичките консултанти од Израел и Австрија кои сместиле бизнис во казино во Визбегово?

Според регионалните медиуми, Еисин работел и во изборната кампања на Миро Церар, а тогаш словенечките медиуми пишуваа дека бил поврзан со израелската армија и „Мосад“. Романските медиуми, пак, пишуваат дека Социјалдемократската партија треба да му се заблагодари за изборната победа во 2016 година. Во меѓувреме, се нашол и во Бања Лука, каде што водел кампања за СД.

Воедно, работел како стратег на кампањата на израелскиот политичар Исак Херцог. Во тој период, Еисин работел и на предизборната кампања на црногорската ДПС на чело со Мило Ѓукановиќ. Интересно е што на црногорските избори таа година „учествувал“ уште еден Израелец – Арон Шавив, креаторот на победничката кампања на израелскиот премиер Бенџамин Нетанјаху.

За пристапот на Еисин доволно говори фактот што лани се истоварил во Србија со педесетина Израелци за да ја спремаат кампањата на Вучиќ. Тоа е периодот кога излегоа многу критикувани спотови, како оној каде што Вучиќ излегува од фрижидер и набројува успеси. Во друг спот, пак, се претставува како спортски тренер и среде спортски натпревар им порача на гласачите „да го погледнат семафорот и да гласаат соодветно“.

Кога изби економската и енергетската криза по руската инвазија во Украина, Вучиќ во една пригода на табла и објаснуваше на јавноста колку е лоша финансиската состојба, обидувајќи се да илустрира дека работата е дојдена „нож до грло“. Случајно или не, и македонскиот министер за надворешни работи Бујар Османи пред табла објаснуваше зошто Бугарија не може повторно да не блокира на патот кон ЕУ после уставните измени.

Што велат нашите неофицијални информации? Првично, Еисин и неговите соработници имале неформална соработка со ВМРО-ДПМНЕ во 2015 година, кога партиски лидер и премиер сѐ уште е Никола Груевски. Неколку години подоцна, тие повторно доаѓаат во земјава, кога соработуваат со власта предводена од Зоран Заев, најмногу во однос на референдумот. И во едниот и во другиот случај се работи за неофицијална соработка, која е регулирана на начин познат само на засегнатите страни.

Тој се смета за ученик на Тал Силберстеин, познат израелски политички консултант и претприемач. Тој стана пошироко познат, во негативна смисла, во 2017 година, кога беше обвинет дека креирал црна и валкана кампања во Австрија. Тогашниот социјалдемократски канцелар Кристијан Керн беше обвинет дека користел десетици страници кои промовираат ксенофобија во кампањата против опонентот Себастијан Курц. Како што пишуваа медиумите, Керн му платил на Силберстеин 400.000 евра за да ја создаде оваа кампања.

Потоа, тој беше отпуштен, особено откако во Израел почна истрага за наводно перење пари, но австрискиот медиумски тим што тој го формираше продолжи да ги води сајтовите. Во такви услови, Силберстеин објави дека повеќе не е заинтересиран за политички консултации. Меѓутоа, за неполни 2 години повторно се најде во центарот на вниманието на австриската јавност.

Тоа се случи за време на познатиот корупциски скандал на Ибица, кој го разоткри австрискиот министер Ханц Кристијан Штрахе. Впрочем, излезе снимка, во која се слуша како Штрахе и негов соработник преговараат со, како што мислеле, внук на руски олигарх. Тие нуделе работни места во Австрија, дури и удел во сопственоста на најчитаниот весник „Кронер цајтунг“, во замена за финансирање на неговата партија.

 Ако го погледнеме методот што е употребен, многу наликува на начинот на работа на Тал Силберстеин, советникот на СПО од 2017 година. Тој користел слични методи низ целиот свет – изјави Курц по објавувањето на снимката на Штрахе.

Своевремено, се појави една заедничка фотографија меѓу Силберстеин и Заев. Исклучително е интересен начинот на кој се случи тоа, ако се знае дека се работи за фотографија што самиот Заев им ја пратил на познатите руски комичари или измамници, кои го увериле дека разговара со поранешниот украински претседател Петро Порошенко.

Здраво пријателу, ти го праќам овој човек утре рано изутрина“, пишува Заев под фотографијата со Силберстеин, мислејќи дека разговара со Порошенко. Руските комичари, пак, глумејќи го Порошенко, одговориле: „А, Тал Силберстеин, не го видов во сликата. Тој ми помага со кампањата“. Заев, пак, реплицира: „Знам, ти посакувам успех. Тал е одличен тип“.

Неделникот „Фокус“ пишуваше дека Силберстеин има регистрирано приватна компанија во земјава, чие седиште е лоцирано на иста адреса со познато казино во скопско Визбегово, каде има уште неколку компании поврзани со израелски ПР-експерти. Меѓу нив е Зив Ерез, кој самиот открива дека работел во земјава на парламентарните избори во 2020 и на локалните избори во 2021 година.

(АРХИВА) Политички консултанти од Израел и Австрија, кои терале партиска и владина кампања, се „вдомиле“ во профитабилно казино во Визбегово!

Влатко СТОЈАНОВСКИ

Поврзани новости