Агенција за национална безбедност ќе ја замени УБК

by fokus

Владата на денешната седница го утврди новиот текст на Предлог -законот за Агенција за национална безбедност. Неговото донесување ќе овозможи реформирање на Управата за безбедност и контраразузнавање, која повеќе  нема да биде орган во состав на Министерството за внатрешни работи, односно се предлага основање Агенција за национална безбедност како модел за реформа на безбедносно-разузнавачкиот систем во земјава.

Владината прес-служба информира дека целта на предложениот закон е надминување на недостатоците утврдени во извештаите од Европската комисија. Агенцијата за национална безбедност  ќе ја штити националната безбедност на државата, односно независноста, суверенитетот, уставното уредување, основните слободи и права на човекот и граѓанинот гарантирани со Уставот…

На седницата е утврден и новиот текст на Предлог- законот за координација на безбедносно-разузнавачката заедница во Република Северна Македонија, со кој се предвидува формирање посебно тело за координација на безбедносно-разузнавачката заедница со точно утврден делокруг на работа, состав, начин на работа и донесување одлуки, како и конкретни аспекти во врска со неговата работа кои се предвидуваат во функција на спроведување ефикасна координација на безбедносно-разузнавачката заедница.

-Предлогот на закон за координација на безбедносно-разузнавачката заедница во Република Северна Македонија произлегува од усвоените заклучоци од Советот на Европската Унија од 26 јуни 2018 година, а потврдени од Европскиот совет на 28 јуни.2018 година, во чии рамки е нагласена важноста да продолжи напредокот во имплементацијата на Итните реформски приоритети и испорачувањето дополнителни одржливи резултати во областа на правосудството, безбедносните и разузнавачките служби, реформата на јавната администрација и борбата против организираниот криминал и корупција, информира владината прес-служба.

Владата денеска ги разгледа и утврди Предлог-законот за изменување на Законот за следење на комуникациите, како и Предлог-законот за изменување на Законот за внатрешни работи, заради усогласување со предлог-законите за Агенција за национална безбедност и Предлог-законот за координација на безбедносно-разузнавачката заедница во Република Северна Македонија.

Поврзани новости