Во вчерашниот демант на СДСМ на реакцијата на Агенцијата за усвоените измени на Изборниот Законик, изнесени се низа невистини со кои се прави обид да се манипулира јавноста, обвинуваат денеска од Агенцијата за медиуми, по соопштението на СДСМ во кое тврдат дека нивни претставници биле присутни на преговорите и дале зелено светло за нив.
„Реакцијата на Агенцијата не се однесуваше на Законот за финансирање на политичките партии, туку на Изборниот законик. И работните состаноци со ОБСЕ на кои учествуваше Агенцијата, не беа за Законот за финансирање туку за Изборниот законик.
Регулаторот беше поканет на вкупно три состаноци (10 и 30 мај и 14 јуни) на работната група за Изборниот законик. Првиот состанок беше информативен – запознавање со правилата на работата на работната група, на вториот ги изнесовме ставовите и забелешките поврзани со одредбите за медиумското претставување за време на избори, а на третиот ни беа сумирани забелешките од сите состаноци на работната група за сите теми од Изборниот законик.
Агенцијата не само што имаше забелешки за одредбите на Изборниот законик, што е документирано во извештаите од овие состаноци, туку на 12 јуни до работната група за изборни реформи испрати и конкретни амандмани за измена на Изборниот законик.
Тврдењето дека независните кандидати и досега имале шанси да бидат претставени е невистинито, што може да се види со едноставна проверка на член 75-ѓ став 1 од Изборниот законик пред последните измени.
Агенцијата не може да преземе ништо против лажните вести и говорот на омраза на електронските портали затоа што тие не спаѓаат во опфатот на субјекти што ги регулираме. За ова прашање, како и за лажните вести и говорот на омраза досега повеќепати јавно сме говореле.
Од друга страна, тоа што електронските портали ќе се регистрираат во ДИК и ќе пријават ценовници за платено политичко рекламирање нема никаква врска ниту со лажните вести ниту со говорот на омраза. Патем и досега порталите имаа обврска и да донесат ценовници и да ги достават до сите надлежни институции, не само до ДИК (член 75-ѓ од Изборниот законик пред измената).
Што се однесува до одредбата со која платеното политичко рекламирање ќе се плаќа со пари од Буџетот што директно ќе им се префрлаат на медиумите – зарем ова не е нов начин со буџетски средства да се оствари политичко влијае врз радиодифузерите? И како ќе се спроведува забраната од Изборниот законик да се емитуваат реклами финансирани од јавни средства ако целото политичко рекламирање е платено од Буџетот?“, се вели во образложението од Агенција за медиуми.