Агенција за храна: Нема листерија кај „Екстра меин“

by Фокус

Агенцијата за храна и ветеринарство излезе со првични резултати, по минатонеделното известување  од Министерството за здравство дека бактеријата листерија е пронајдена во сечен свински врат на месната индустрија „Екстра меин“ од Куманово. За разлика од ресорното министерство, Агенцијата излезе со информација дека по направените контроли, сите резултати од анализите на брисевите, материјалите кои доаѓаат во контакт со храната и мострите од суровините и готовите производи  направени во лабораториите на Факултетот за ветеринарна медицина се негативни.

– Во рамки на контролите земени се вкупно 24 мостри од производи и адитиви кои се користат во производството, вклучително и од лотовите каде беше детектирано присуство на оваа бактерија, 10 брисеви од работни површини, машини како што се сецкалки, стерилизатори, комори и од други места каде евентуално може да се утврди присуство на оваа бактерија. Земени се и 2 бриса од материјали кои се користат во производството, а кои доаѓаат во контакт со храната. Досега сите резултати се негативни, односно одговараат на Правилникот за посебните барања кои се однесуваат на микробиолошките критериуми за храна – се наведува во соопштението од Агенцијата за храна и ветеринарство.

Од таму додаваат дека од мострите и брисевите кои се испитуваат во лабораториите на  Институтот за јавно здравје  до Агенцијата се пристигнати 9 резултати за земени брисеви.

– Брисеви се земени од работни површини, машини како што се сецкалки, стерилизатори, комори и од други места каде евентуално може да се утврди присуство на оваа бактерија, како и за испитани две мостри од спорните лотови вакумиран сечкан свински врат и 4 мостри од адитиви. Сите анализи се негативни, односно кај досега испитаните 15 мостри и брисеви од страна на Институтот за јавно здравје, не е утврдено присуство на бактеријата. Истите одговараат на одредбите од Правилникот – се наведува понатаму во соопштението.

 

Поврзани новости