„Зајакнување на правосудството во земјава, на сите нивоа, е главен приоритет за Амбасада на САД, за мене лично и за Вашингтон“.
Ова го изјави денеска американската амбасадорка во земјава Анџела Агелер по посетата на Истражниот центар при Основното јавно обвинителство Скопје, каде Амбасадата на САД донираше компјутерска и техничка опрема.
Агелер порача дека ова е добар систем и изрази уверување дека интероперабилноста ќе ја подобри ефикасноста.
„Тука сум од ноември и корупцијата во земјава е присутна подолго време. Тоа не е проблем што може да се реши за неколку месеци и постојат веќе системи, кои бараат проверка. Затоа е добра денешната посета, за да видам како се водат истрагите“ порача Агелер.
Сакаме да бидеме партнери со оваа земја, нагласи таа.
„За тоа е потребно време. Не е нешто што еден компјутерски систем ќе го реши, но е приоритет и ако имам една цел како амбасадор во земјава, тоа е да се осигурам дека ќе направам се што можам, заедно со мојот тим, за зајакнување на вербата на граѓаните на Северна Македонија во правосудството“ – порача Агелер
Претседателот на ОЈО – Скопје, Гаврил Бубевски, изрази благодарноста за донацијата.
„Се работи за сериозна донација што ќе ни помогне во секојдневната работа и од технички и од суштински аспект, затоа што многу побрзо можеме да работиме на одредени докази и прибирање доказен материјал“ – изјави Бубевски.