Американската амбасадорка во земјава, Анџела Агелер информира дека „црната листа“ на САД со македонски државјани е многу динамична и дека постојано се дискутира и се разгледуваат нови имиња. Сепак рече дека нема рок кога ќе бидат објавени.
-Тоа е одлука на Вашингтон, но можам да ве убедам дека додека зборуваме овде, одреден број на имиња се разгледуваат. Ние во секое време работиме на нови имиња и правовремено ќе ги дознаете, кажа денеска Агелер во рамки на Конференцијата за борба против корупцијата во Западен Балкан.
Досега на оваа листа се најдоа бројни имиња на политичари и бизнисмени од земјата и нивните семејства. Стејт Департментот во март годинава ги стави на црна листа градоначалникот на Карпош, Стевче Јакимовски и екс-специјалната обвинителка, Катица Јанева, како и нивните семејства, на кои им е забранет влез во САД.
Минатата година, на црната листа беа ставени и струшкиот градоначалник Рамиз Мерко, Кочо Анѓушев, Сергеј Самсоненко, Орце Камчев, Ратка Камчева, Сашо Мијалков и Никола Груевски.