Американската амбасада во Скопје вечерва ја одбележа 247. годишнина од независноста на Соединетите Американски Држави. Американската амбасадорка во Македонија Анџела Агелер во своето обраќање зборуваше за основачите на САД, за демократијата, за принципите, но и за партнерството со Северна Македонија.
„Чест ми е да служам како американски амбасадор во Македонија, Кога основачите на САД го создале Уставот пишувале за потрага по совршена унија, не нешто што е финално, туку потрага која трае по нешто кое верувам дека и самите знаеле дека не постои . Нема идеална унија, туку потрагата е важна, потрагата по тоа секој од нас да биде подобар, демократијата да биде подобра, која што е постојана тешка работа. Такво е и нашето заедништво, пријателството меѓу САД и Северна Македонија“, рече Агелер.
Таа рече дека стремежот да бидеме подобри продолжува до овој ден, кога се соочуваме со стари и со нови предизвици.
„Така е и со нашиот сојуз, пријателството и сојузништвото помеѓу САД и Северна Македонија. Никогаш нема да го постигнеме недофатливото, совршениот сојуз. Но принципите што ги споделуваме, предизвиците со кои се соочуваме – не сами, туку заедно – ќе го водат нашиот сојуз напред, во истраен стремеж кон напредок, просперитет и безбедност. САД се подобри, посилни и поблагородни, бидејќи имаме сојузници. Имаме партнери. Бидејќи имаме пријатели – пријатели како вас, како државата Северна Македонија“, рече амбасадорката Агелер.
На приемот присуствуваа претседателот на државата Стево Пендаровски и други членови на државниот врв, политичари од владејачките партии и опозицијата, претставници на дипломатскиот кор и на јавниот и политичкиот живот.