Мора да се смени културата, а за тоа треба и политичка волја, борбата против корупцијата е во интерес на сите, но најмногу за младите кои поради корупцијата ја напуштаат државата, порача амбасадорката на САД Анџела Прајс Агелер на прославата на „20 години ДКСК“ на која присуствуваше цел политички врв.
-На младите луѓе им треба, а тие и заслужуваат држава која ќе го цени успехот врз основа на талентот и трудот, а не врз основа на политиката или на лични познанство. Промена на ваквата траекторија бара промена во културата. Таа не е никаде позначајна и поочигледна од промена во политичката култура и политичката волја.
-Тие мора да се залагаат за систем кој е транспарентен од почеток до крај и кој гради долгорочна средина на добро владеење што ќе опстојува без разлика кој е на власт. Беше точно пренесено, како што самата слушнав, дека јас борбата против корупција во државата ќе ја направам приоритет на амбасадата на САД во Скопје. Тоа е точно, продолжи Агелер.
Обраќањето на Агелер во живо го гледаа и слушаа претседателот Стево Пендаровски, собранискиот спикер Талат Џафери, вицепремиерката за транспарентност Славица Грковска, министерот за правда Никола Тупанчевски.