„Притисоците врз судската власт во Северна Македонија е нешто што мора да престане, судиите мора да бидат слободни за да можат да го практикуваат правото бидејќи граѓаните на оваа земја имаат потреба од тоа и сè повеќе го бараат тоа“ порача американската амбасадорка во земјава Анџела Агелер.
Таа на одбележувањето на 60-годишнина од постоењето на Уставниот суд подвлече дека шест декади ова тело е носител на виталната и нужна одговорност на чување и заштита на основните права на граѓаните.
„Овој суд е од суштинско значење за да се овозможи транспарентно и правично општество. Сите треба да ја почитуваат независноста на судиите, кои што треба да бидат слепи за политичките влијанија и јавните мислења и да бидат водени од начелата коишто се втемелени во нашите устави. Американскиот судија сè уште смета дека нашиот Устав не е напишан во песок за да може да се измие со секој бран од нови судии коишто се под политичко влијание. Притисокот којшто е ставен на судиите во овие судови може да биде огромен. Ние како граѓани инсистираме тие притисоци да бидат елиминирани и тие судии секогаш да бидат независни без оглед на нивното потекло и нивните мислења“ – рече Агелер.
Независноста на судството, рече таа, е од суштинско значење од аспект на претстојните избори и само независни судии кои дејствуваат објективно и правично можат да го запазат владеењето на правото и да ги заштитат граѓаните.
„Јас имам слушнато од многу од вас за притисоците коишто се ставени врз вас. Притисоците врз судската власт во Северна Македонија е нешто што мора да престане, судиите мора да бидат слободни за да можат да го практикуваат правото. Граѓаните на оваа земја имаат потреба од тоа и се повеќе го бараат тоа“ – порача Агелер.