Во интервју за „360 степени“, прашана за забелешките од ДУИ дека влезот на „Вреди“ наместо коалицијата околу ДУИ во новата влада е прекрушување на духот на Рамковниот договор, Анџела Агелер кажа дека е задоволна што владата е составена од различни групи и дека нема законска обврска според која ДУИ треба да е во влада
Американската амбасадорка Анџела Агелер нема разбирање за поплаките на ДУИ дека изборот на ВМРО-ДПМНЕ да коалицира со „Вреди“ наместо со нив, како коалиција што освои повеќе мандати, е кршење на духот на Рамковниот договор. Во интервју за „360 степени“ таа кажа дека победникот е тој што ги избира партнерите, но и дека „Европскиот фронт“, како и „Вреди“, биле коалиција. На крај, според неа, важно е дека во владата има диверзитет.
Прецизно, говорејќи за резултатите од неодамнешните избори, Агелер го доби следново прашање: „Кое е вашето мислење за одлуката на ВМРО-ДПМНЕ, победничката партија, да стапи во коалиција со ’Вреди’, а не со коалицијата предводена од ДУИ? Од ДУИ инсистираат дека со ова се оди против основниот договор меѓу двете најголеми заедници од 2001“. На ова, Агелер одговори:
-ВМРО- ДПМНЕ го избра партнерот – ’Вреди’, која е исто така коалиција, исто како и „Европскиот фронт“ предводен од ДУИ. Сум имала разговори за ова со низа функционери на ДУИ и дури и нема законска обврска за тоа со кој ќе стапите во коалиција. Партијата која победи на изборите ја имаше можноста и избра да создаде коалиција со малцински групи во земјата. Тоа е од исклучителна важност зашто она што двете наши земји ги прави толку богати е диверзитетот, различните етнички групи и заедници и она што тие го носат за нашите демократии. Оттука, задоволна сум дека владата е составена од различни групи и нема законски обврски за ДУИ да се вклучи во владата. Знам дека има прашање на закон наспроти легитимитет, но факт е дека ВМРО-ДПМНЕ избра партнери од различни заедници во земјата и тоа е нивно право. Избраа тоа да го направат и ќе видиме како ова партнерство ќе функционира“, изјави Агелер.