Агелер: Не знам каде се наоѓа Груби, сметам дека е важно луѓето да бидат повикани на одговорност за нивните дела

by Fokus

Амбасадорката на САД, Анџела Агелер, во одговор на новинарско прашање за поранешниот вицепремиер Артан Груби, кој како осомничен за случајот „Државна лотарија“ е во бегство, денеска изјави дека нема коментар за тоа што се случува со Груби, но порача оти е важно луѓето да бидат повикани на одговорност за нивните дела.

„Немам коментар во однос на тоа што се случува со Артан Груби. Не знам каде се наоѓа. Сметам дека е важно луѓето да бидат повикани на одговорност за нивните дела и се надевам дека тој е еден од нив“, кажа Агелер.

Во однос на процедурата за разрешување на членови на Судски совет што се избираат во Собранието, додаде дека треба да постои одговорност но и процесот треба да биде транспарентен.

„Мислам дека јас и Амбасадата бевме многу јасни во однос на нашиот став за Судскиот совет и другите институции во рамките на правосудството. Повторно ќе кажам, треба да постои одговорност но и процесот треба да биде транспарентен, со цел граѓаните да разберат што се случува и зошто“, појасни Агелер.

Поврзани новости