Агелер: Истрагата ако утврди корупција за проектот за коридорите, нека ја гони

by Fokus

Истражете ги знаците и наводите за корупција за проектот за Коридорите 8 и 10  и ако истрагата утврди корупција, нека ја гони, изјави амбасадорката на САД Ангела Агелер за весникот „Капитал“

„Сум кажала претходно и ќе повторам, ако има знаци или наводи за корупција, истражете ги. Доколку истрагата утврди корупција, нека ја гони. Мора да има одговорност за секого, секаде. Во исто време, преголемата политизација на нештата понекогаш може да биде подеднакво штетна како и самата корупција со тоа што ќе спречи добри проекти да се движат напред и ќе испрати порака до другите потенцијални инвеститори дека водењето бизнис во Северна Македонија е премногу комплицирано и бирократско“, изјави Агелер.

Таа додава дека треба да се одвојат фактите од фикцијата, вистината од наводите.

„Тоа е улогата на компетентен и независен правосуден систем“, вели Агелер.

Според неа проектот на Коридорите 8 и10д ја претставува најголемата инфраструктурна инвестиција во историјата на Македонија, а придобивките за граѓаните се огромни.

„Голем број добри работни места, договори со локални компании и снабдувачи, како и партнерство со една од најпочитуваните американски компании кои работат на Балканот и ширум светот. Кога ќе бидат завршени, патиштата ќе го намалат времето на патување низ земјата, ќе ја подобрат безбедноста и пристапноста кон другите партнери од НАТО, ќе ја зголемат трговијата и ќе ја направат оваа земја витален транспортен центар низ Балканот“, изјави Агелер.

 

Поврзани новости