Гласав на денешните Претседателски избори во САД и како и сите очекувам да видам кој ќе победи, што значи дека заедно ќе продолжиме да следиме што ќе се случи, истакна денеска во Скопје американската амбасадорка Анџела Агелер.
– Како амбасадор во Македонија мојата порака е дека е од витална важност секој граѓанин да излезе да гласа. Гласањето во демократијата е тајна одговорност и огромна привилегија. Јас гласав. Се надевам и очекувам дека ќе има мирна и фер транзиција на силата. Тоа е она што го очекуваме сите и се надеваме дека така и ќе биде, рече Агелер во изјава за медиумите за коментар за нејзините очекувања од денешните Претседателски избори во САД.
Таа одби да ја коментира изјавата што неодамна ја даде Стејт департментот дека е можно САД да биде медијатор во нашите преговори со Бугарија за продолжување на европската агенда, по конституирањето на новата бугарска Влада.