Митрополитот на поварадарската епархија Агатангел покрај молитвите за богат род упати и благослов лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски да врател се што Македонија изгубила во изминатиот период.
Тој лидерот на ВМРО-ДПМНЕ го нарекол „нашиот претседател“ за кого рече дека верува оти со помош од Бога и Богородица ќе го врати назад она што е свето македонско и национално. Првин со него (Мицкоски), рече владиката, а потоа и со божја помош. Нема да дозволиме, порача Агатангел, некој што не ја чувствува Македонија да ја одредува судбината на нашата земја.
„Сакам, можеби некој ќе ми замери, но еве некој вчера зборуваше да не зборуваме и да не гледаме на состојбите што ни се случуваат со емоции. Но, ние Македонците сме емоционални луѓе, ние Македонците сме патриоти, ние си го сакаме својот македонски јазик и држава, својата македонска нација и сето она што е свето и македонско бидејќи тоа го примивме од нашиот свет апостол Павле кој шеташе и чекореше по оваа света македонска земја.
И затоа примајќи ги овие свети молитви од овие наши дедовци и прадедовци јас длабоко од душата и срцето верувам дека нашиот претседател на најголемата и најсвета партија ВМРО-ДПМНЕ, господинот Мицкоски, се ова што го дадовме, верувам дека ќе го вратиме назад. Првин со него, а потоа и со божја помош. Јас верувам дека Бог, спасителот наш Исус Христос, мајката божја Богородица, која е заштитничка на оваа света македонска земја, ќе му помогне него и на сите негови соработници на се она што е наше свето македонско, национално, ќе го вратиме назад и нема да дозволиме некој кој не ја чувствува Македонија национално да ја одредува судбината на нашата света земја“, рече владиката.
Фото: Телма