Деновиве бевме сведоци на применето „антиевангелие“. Ако Христовата порака е втемелена врз радоста и љубовта, тогаш она што се организираше по улиците на Солун и останатите грчки градови од страна на грчкото свештенство е сé само не Евангелието и неговите основни постулати, наведува во писмено соопштение митрополитот повардарски Агатангел.
– Грчкото свештенство пред очите на целата светска јавност изврши убиство врз својот ближен и со самото тоа си ги подзатвори Портите од Царството Божјо. За каква тоа духовност имаат намера во иднина да проповедаат овие луѓе, до Евзони ли се простира нивната љубов и трпение? Срамно и страшно е да се гледа овој пад, оваа заблуденост и лицемерие. Атеистите се покажаа како подобри и потолерантни луѓе од верниците, зашто тие ги врзуваа конците на мирот што беа пресечени од лажните Христови следбеници – наведува митрополитот Агатангел.