Димче Арсовски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ, денеска објави дека власта преку Агенцијата за конфискација на имот сака да ја продаде АД Славија за 218.535 евра, иако имотот, како што тврди тој, вреди над 20 милиони евра.
-Власта сака да ја продаде АД Славија, која има вредност од над 20 милиони евра. Власта сака да го продаде целиот имот за 218.535 евра. Станува збор за 4.285 акции по цена од 51 евро на само два дена пред Нова Година – рече Арсовски.
Според него, Владата нема направено нова проценка согласно законските и етичките обврски за да се утврди колку чинат објектите и останатиот имот.
-Ова е за блиски луѓе бизнисмени да можат да ја купат за малку пари. Ако се направи проценка, таа вреди повеќе од 20 милиони евра и ако се одбие долгот од 4-5 милиони евра, може да се продаде за 15 милиони евра – рече Арсовски.
Тој истакна дека целта е купопродажбата да биде извршена во последните денови од годинава во корист на бизнисмен близок до власта и до премиерот Зоран Заев.
-Кога во 2012 година се правеше обид да се продаде друштвото, власта тогаш акциите ги проценила на вредност од 1.715 евра. АД Славија има огромен имот. Само управната зграда вреди 9 милиони евра, а останатиот имот се наоѓа низ цела Македонија. Побарувањата за плати и придонеси, како и за други долгови е три до пет милиони евра – обвини портпатолот на опозициската партија.