Афера „Лифтови“

by Fokus

Заплетот на приказната почнува во Градската болница „8 Септември“, каде што со години не функционираа лифтовите, па сервисниот лифт, освен за храна, служеше и за пренесување болни, починати и за медицински отпад.

Пред речиси три години, поточно во 2019 година, старата Воена болница распишува тендер за поправка, ремонт и одржување лифтови. Како што дознаваме, во Македонија постојат околу 15-тина фирми со истата дејност. Во тој период, тендерот го добива битолската компанија „Дака Сервис“.

Од тука веќе почнуваат проблемите, како и откривањето на фантомската компанија, од која фирмата што го добила тендерот набавила ИСО сертификати за квалитет, кои биле фалсификувани.

Според нашите информации, членовите на Комисијата за јавни набавки во болницата, која била задолжена за тендерската процедура, се посомневале во веродостојноста на сертификатите и веднаш алармирале до БЈН. Од таму, пак, ги информирале антикорупционерите, кои работите ги преземаат во свои раце. Во истиот момент кога се дознава за измамата, тендерот се поништува, а Градската болница повторно останува без лифтови.

Болницата, пред неколку месеци доби пет нови лифтови, но тендерот го доби сосема друга фирма, и тоа бизнис-зделка тешка 325.253 евра

Нашите извори тврдат дека во последните неколку години, непостоечката компанија соработувала со многу фирми, на кои им издавале лажни сертификати, тврдејќи дека се набавени од компанија во Хрватска, за што македонската фирма се претставувала како нивни застапник.

На тој начин се оштетени и повеќе државни институции и буџетски пари, кои во меѓувреме добиле тендери од компании, кои соработувале со фирмата-фантом.

Оттука, слободно можеме да кажеме дека станува збор за компанијата „Еуроцерт“, која, според документите од Централниот регистар, е основана на 3 декември, далечната 2003 година со паричен влог од 153.000 денари.

Како нејзини сопственици фигурираат Новак Димитровски и уште една друга фирма, исто така позната како Центар за сертификација на системи за управување.

Компанијата е ликвидирана и во моментот се води како деловно и правно неактивна. Според податоците, нејзиното седиште се наоѓа во скопски Аеродром.

Целиот текст прочитајте го во новиот број на неделникот кој можете да го купите и во електронска форма на овој линк.

Ирена Мулачка

 

Поврзани новости