Претседателката на Државната комисија за спречување на корупцијата, Билјана Ивановска вели дека нема основа за отворање случај против премиерот, Димитар Ковачевски за случајот „Броило“, откако тоа го побара опозициската ВМРО-ДПМНЕ.
-Кога стапи на функција заменик министер за финансии, премиерот Димитар Ковачевски во својот анкетен лист уредно пријави сѐ што поседува. Од податоците во анкетниот лист имаме сознанија дека тој не учествува во управувањето, а ги продал и сопственичките удели во фирмата. Оттука нема основ за покренување постапка за утврдување судир на интереси. Согласно Законот за спречување корупција и судир на интереси функционерот кога стапува на функција управувањето на фирмата треба да му го довери на друго лице кое не е член на неговото семејство. Во случајов, тој не е ниту сопственик, ниту управител, вели во изјава за МКД.мк претседателката на ДКСК, Билјана Ивановска.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, партија, којашто го отвори овој случај пак се надева дека Државната комисија за спречување на корупција многу сериозно ќе му пристапат на случајот „Броило“.
Според него оваа афера е „воено профитерство на Ковачевски и лош пример за сите во државата кои што имаат такви амбиции“.
– Гледам дека денеска има став од Антикорупциска комисија, од претседателката Билјана Ивановска дека таа не видела случај без да ја види претставката која што евентуално како политичка партија би ја поднеле до Државната комисија за спречување на корупцијата. Се надевам дека нема така експресно да делуваат како што тоа го направи денеска предвреме на прашање на еден медиум, и се надевам дека многу сериозно ќе му пристапат на овој случај, затоа што многу внимателно ќе го следиме овој случај, бидејќи во услови на криза некој профитира на грбот на граѓаните, тоа на времето ги викаа воени профитери, народот едвај крај со крај врзува, од први до први, компаниите се борат едвај да опстанат а некој на грбот на народот профитира, тргува со влијание. Тоа не е добро, тоа е многу лошо и тоа е лош пример за сите во државата кои што имаат такви амбиции, затоа многу внимателно нека го гледаат и ние ќе го следиме внимателно овој процес, истакна Мицкоски.