Постапката за извршување на решението за отстранување на недостатоците на објектот на пекарницата Силбо во ТЦ Бисер е одложена по барање на сопственикот на пекарницата, информира општина Аеродром во реакција на денешната прес-конференција на Здружението на сопственици на деловен простор за одржување на ТЦ Бисер.
– Постапката за извршување е одложена по барање на сопственикот ДПТУ „Жито Скопје Силбо ДООЕЛ“. Одложувањето важи сѐ до донесување одлука на второстепената комисија за инспекциски надзор и прекршочна постапка, согласно со Законот за општа управна постапка, соопшти општина Аеродром.
Пред да се преземе каква било активност, се нагласува во соопштението, мора да се почека до решавањето на второстепената комисија.
Здружението денеска на прес-конференција го повика Јавното обвинителство да покрене истрага за „бесправната изградба на пекарницата Силбо во ТЦ Бисер“, во спротивно најавија дека ќе поднесат кривична пријава до сите инволвирани, како и протести и блокади доколку не се почитува законот. Нагласија дека со последното решение што го донел, овластениот градежен инспектор во општина Аеродром ги прекршил првите две решенија што ги има донесено.