Градоначалниците на Кисела Вода и Аеродром со истурање на ѓубрето пред скопската депонија „Дрисла’“ извршија кривично дело против животнатат средина, соопшти Јавното претпријатие депонија „Дрисла“.
Во Соопштението до јавноста од ЈП депонија „Дрисла“ стои дека општините Аеродром и Кисела Вода немаат потпишано договор со нив и оти нивниот договор е истечен во март годинава.
„Ги замолуваме градоначалниците од општина Кисела Вода и општина Аеродром да бидат поодговорни кога даваат изјави и да престанат безочно да лажат, особено поради тоа што веќе e креиран сомнеж за извршување кривично дело од нивна страна против животната средина. Ниту општина Аеродром, ниту општина Кисела Вода немаат потпишан договор со ЈП депонија ‘Дрисла’ Скопје бидејќи тој им е истечен во март“, соопшти ЈП депонија „Дрисла“.
Од „Дрисла“ прашуваат каде го фрлале сметот овие две општини во изминатите месеци ако немаат договори.
„Се поставува прашањето, каде го фрлале сметот овие две општини во изминатите месеци ако немаат договори со ЈП депонија „Дрисла“ Скопје, единственото предвидено место за одложување на отпад? Дали креирале и колку диви депонии креирале? Колку од дивите депонии кои ги исчисти градот Скопје повторно се претворени во хаос со отпад?“, стои во соопштението.
Во Скопје од минатата недела не се собираше отпадот поради протест на вработените во ЈП „Комунална хигиена“, кои бараат повисоки плати и враќање на отпуштените колеги од работа.
Градоначалниците на скопските општини од ВМРО-ДПМНЕ со помош на своите колеги од други општини синоќа почнаа да го чистат насобраното ѓубре, а Општина Центар најави дека од утрово сами почнуваат со чистење на ѓубрето.
Синоќа во ЈП „Комунална хигиена“ се одвиваше вистинска драма при обидот на раководството на претпријатието и градоначалничката на Скопје Данела Арсовска да обезбедат собирање на сметот. Дел од вработените кои протестираа не дозволуваа камионите на „Комунална хигиена“ да излезат од претпријатиети. По интервенција на полицијата камионите на ЈП „Комунална хигиена“ излегоа од кругот на претпријатието и дел од вработените почнаа да го собираат ѓубрето од скопските улици.
Градоначалниците од Скопскиот плански регион денеска ќе одржат состанок на кој ќе расправаат за состојбата со хигиената во Скопје.