Двата постоечки оператори поради условите предизвикани од Ковид – 19, се за одложување на постапката на доделување радиофреквенции за 5Г за следната година, додека ЕОЛО, заинтересираниот странски инвеститор, смета дека таа треба да се спроведе во најскоро време, соопшти Агенцијата за електронски комуникации, по анализа на забелешките и коментарите што беа доставени до неа во тек на јавната расправа што ја организираше ова регулаторно тело во врска со планираното доделување одобренија за 5Г.
АЕК во документот најавува дека постапката за доделување одобренија за 5 Г технологијата ќе почне до крајот на годинава и ќе биде преку аукција, при што ќе се понудат поединечни одобренија за сите опсези.
-Постапката за доделување одобренија ќе започне до крајот на 2020 година. Двата постоечки оператори, поради условите предизвикани од Ковид 19, се за одложување на постапката на доделување за следната година. Меѓутоа, ставот на ЕОЛО како заинтересиран странски инвеститор е постапката да се спроведе во најскоро време. Во Националниот оперативен бродбенд план (НОБП) е наведено АЕК да распише тендер до крајот на 2020 година. Со започнување на постапката се зголемува и можноста за зголемување на конкуренцијата и од други заинтересирани страни, а секако и дека трет мрежен оператор е и една од целите на АЕК. Дополнително, прогласената вонредната состојба поради Ковид 19 е укината, наведува АЕК.