Адвокатот на една од обвинетите во случајот ТНТ, Мерџан Даути уште еднаш побара да го користи своето законско право да зборува на албански јазик и сите докази во овој предмет да му бидат преведени на албански јазик, но денеска од судечкиот совет побара да бидат заменети двајца судии поротници кои имаат наполнето 60 години. Вакво барање имаше и пратеникот Илија Димовски во случајот „Талир“.
-Колега Даути, вашите барања се апсолвирани од судот. Само судскиот совет како ги избрал судиите поротници, може и да ги разреши. Јас немам законска можност ништо во врска со тоа – му одговори судијата Огнен Ставрев.
Сведокот во процесот, вештакот Павле Гацов, рече објектот дента кога завршило неговото рушење вредел 972 милиони денари.
– Според фирмата ФИНЕ која го градела објектот нема релеватни информации за вредноста на објектот, затоа вредноста е утврдена од вештакот градежник – рече Гацов.
Во предметот „ТНТ“, првообвинет е избеганиот во Унгарија Никола Груевски, кој нареди да му биде уништен со експлозив објектот „Космос“ на Цаноски, затоа што во 2011 година ја прекина коалицијата со ВМРО-ДПМНЕ. Потоа Миле Јанакиески како координатор на целата акција на незаконското уривање, ексградоначалникот на Гази Баба Тони Трајковски како логистика и други обвинети од општината.