Адвокатот Наумовски ја повлече иницијативата за „оживување“ на помилувањата на Иванов – причина се измените на КЗ

by Fokus

Миле Наумовски – адвокат од Скопје ја повлече иницијативата што ја поднесе до Врховниот суд за утврдување начелен став и начелно правно мислење за помилувањата од поранешниот шеф на државата Ѓорге Иванов. Тој ова лично го потврдил во разговор за „360 степени“.

Изјавил дека тоа го сторил денеска, а причина се донесените измени на Кривичниот законик.

Тој објаснил дека во иницијативата што ја поднел до Врховниот суд во најголем дел се осврнал на членот 353 од Кривичниот законик, кој се однесува на злоупотреба на службената положба и овластување, конкретно на преширокиот опсег што го имаше овој член.

„Во најголем дел (во иницијативата н.з.) беше обработен членот 353, додека аболицијата беше ставена на крајот“ – изјавил Наумовски за „360 степени“.

Сега, по измените на Кривичниот законик, кои Собранието ги усвои на 6 септември оваа година, адвокатот решил да ја повлече иницијативата затоа што не гледа потреба највисокиот суд да одлучува по ова прашање бидејќи со измените, меѓу другото, како што рече, се намалени казните за кривичните дела опфатени во овој член, кои претходно беа над пет години, а сега максималната казна е до пет години.

Во меѓувреме, како импликација на измените на КЗ почнаа да застаруваат и делата за кои по овој член се гонеа голем дел од обвинетите во случаите што ги отвори поранешното Специјално јавно обвинителство (СЈО).

„Го повлеков затоа што законодавецот со измените на Кривичниот законик го стесни полето за примена на овој член“ – изјави Наумовски.

Иницијативата до Врховен ја поднел на 23 јуни оваа година. Јавноста за неа дозна по повеќе од три месеци, односно на 9 октомври.

Поврзани новости