Јовица Страшевски, адвокат на поранешниот градоначалникот на Гази Габа и обвинет во случајот ТНТ, Тони Трајковски, преку отворено писмо го прозва претседателот на Судскиот совет, Киро Здравев, за мандатот на поротничката Лилјана Ивановска – Кочковска.
Имено, адвокатите во овој случај спорат дека мандатот на Ивановска е истечен, и дека таа нема право на нов мандат. Од друга страна пак, Судскиот совет не констатираше престанок на мандатот туку најави дека тоа ќе го направат на следната седница.
„Со протекот на рокот за која е избрана од четири години по сила на закон и по автоматизам, тоа лице не може и не смее да се претстави и да присуствува на ниту едно рочиште во својство на судија поротник по истекот на нејзиниот мандат“, наведува адвокатот во отвореното писмо.
Страшевски преку отвореното писмо ги повикува и медиумите на прес-конференција утре, а до Здравев упатува неколку прашања:
„Врз основа на кој закон и кој член, ако се повикувате на некој закон, Судскиот совет треба да констатира престанок на мандат за судија – поротник на кого му е веќе истечен мандатот на 23.12.2019 година?
Дали претседателот на Oсновниот кривичен суд има законска можност да го повика ова лице на било кое рочиште закажано од 24.12.2019 година?
Зошто не излезете во јавност како орган кој треба да го контролира работењето на судовите и судии и не ги решите овие неспорни факти кои како дилема сакаат да се пласираат во јавноста?
Зошто не одговорите официјално на барањето испратено до Вас од страна на Претседателот на Основниот кривичен суд во врска со поротниците во предметот ТНТ со конкретни насоки и упатства, туку тоа го правите со бледи и конфузни соопштенија?“
Исто така, адвокатот прашува и дали Здравев со тоа што не презема некакви мерки, помага во повеќе кривични дела од страна на поротничката Лилјана Ивановска – Кочковска и од претседателот на Кривичен Иван Џолев.
„Дали со Вашата намера за непреземање на какви било мерки и чекори и умислено одлагање на седниците на Судскиот совет под разни околности само помагате кон сторувања на повеќе кривични дела од страна на поротникот Лилјана Ивановска – Кочковска и Претседателот на Основниот кривичен суд“, вели адвокатот.