Адвокатот на таткото на Вања: Нема ни помисла за бегство, не се знае со никој од осомничените

by Fokus

Владимир Туфегџиќ – адвокатот на Александар Ѓорчевски, татко на убиената Вања, верува дека тој нема никаква вина.

Според неговиот исказ, одреден му е превентивен притвор, без никакви докази. Тој посочува дека четири месеци не е предочен ниту доказ, а ниту индиција од кој би произлегла основаност на сомневањето за притвор.

„Па дајте докази, како смета тој јавен обвинител, кои се фактите и доказите дека ќе се даде во бегство. Јас за такво нешто немам ниту индиција, ниту помисла. За мене работите се јасни“, рече адвокатот Туфегџиќ, пренесе „Скопје 1“.

За тврдењето на Обвинителството дека Ѓорчевски може да влијае на сведоци, Туфегџиќ посочи дека тоа е уште една непоткрепена теза.

„Кои се тие сведоци на кои може да влијае, ако се сослушани клучните шесте сведоци, кои биле со него во непосреден контакт, 24 часовен, во критичниот период. Јас ги предложив тие сведоци“, рече Туфегџиќ.

Ѓорчевски е во притвор поради наводен контакт со Љупчо Палевски-Палчо, за кого Туфегџиќ е дециден дека не постоел.

„Не знае никого (од осомничените), ќе го прашате јавниот обвинител од каде му се нему дека тој некого познавал и од каде му е него сомневањето дека тој подолг временски период бил во контакт со лице и така натаму. Тоа ќе го прашате јавниот обвинител. Јас такви сознанија немам, ниту јавниот обвинител ме удостоил, што е негова законска обврска, да ме повика и да ги предочи“, додаде адвокатот на Ѓорчевски.

Поврзани новости