Судењето за тепачката во која беше повреден Христијан Пендиков во Охрид , кој неодмана стана бугарски државјанин се одложи поради отсуство на обвинетиот кој со документација од доктор докажа дека е болен. По завршување на постапката Пендиков даваше изјави за новинарите пред судот.
На прашањето од новинарите дали се точни информациите дека тој од претходно се знаел со обвинетиот кој во јавуари годинава го претепа пред ноќен клуб во Охрид, Пендиков сакаше да одговори, но неговиот адвокат Стефан Камишевски ги прекина и не дозволи Пендиков ништо да каже.
„Јас ќе одговарам на тоа прашање, се извинувам“, изреагира адвокатот.
Новинарите побараа да дозволи прашањето да го одговори самиот Пендиков, но адвокатот рече: „Јас не можам да ви дозволам бидејќи таквите факти се факти кои треба да се утврдат во една законски уредена судска постапка“.
На инсистирањето на новинарите Пендиков да одговори дали се знае со обвинетиот Илија Спасески, и дека причина за тепачката всушност нешто друго, а не е неговото чувство дека е Бугарин, адвокатот повторно не дозволи.
„Јас ќе ви одговарам. Може ли да ми дозволите да одговорам? Дали се знае или не се знае на таа околност, Пендиков даде одговор во Обвинителството и ќе даде одговор пред судот во постапката, кога ќе биде сослушан во својство на оштетен“, рече адвокатот.
тој потоа не дозволи други прашања за неговиот клиент со објаснување дека пендиков мора да замине за Софија.
„Пендиков мора да се врати назад денес во Софија, бидејќи се уште му трае лекувањето и повредите не му се заздравени. Ви благодарам“, рече адвокатот и ги прекина изјавите.
Претходно Пендиков пред медиумите се пожали дека добива закани заради неговата бугарска самосвест, но рече дека престојува нормално во Македонија.
„Се чувствувам загрозен. Добивам закани на социјални мрежи – месенџер, Инстаграм. На коментари си читаме закани кај што сакаат да не убијат. Не се чувствувам океј. Пријавено е во полиција, пред месеци и сега пред брзо. Редовно пријавуваме. Пријавено е во ОБСЕ, сегде. Престојувам нормално, со надеж дека нема да ме убијат следен пат“, рече Пендиков, кој додаде дека се надева дека одиме напред и дека во иднина нема да се случуваат инциденти во кој некој ќе биде натепан само заради национално чувство.
Охридското Обвинителството поднесе обвинителен предлог против едно од лицата за кои се смета дека го претепаа пендиков, кој беше секретарот на веќе затворениот бугарскиот културен клуб „Цар Борис“ во Охрид. Тој се бранел со молчење во текот на истражната постапка.
Фото: БНТ