Адвокатот на Љупчо Палевски вели дека засега нема искази кои би упатувале на тоа дека неговиот клиент e поврзан со кривичните дела за кои се товари.
На денешното судење за убиството на Панче и Вања, сведочеше првпат мајката Зорица Ѓорчевска.
Адвокатот на Палевски, Марјан Витановски рече дека таа во својот исказ не посочи дека го знае Палевски од претходно, не ги познава обвинетите, а не знае ниту дали нејзиниот сопруг се знаел со Палевски.
Ќерката на велешанецот, Панче Жежовски, Ана Киркова, пак, не ги знае обвинетите, го знае само Велибор Маневски, со кој нејзиниот татко имал судски спор.
Според Витановски, нема конкретни сознанија што би упатувале на заклучок дека некој од обвинетите може да се најде како сторител на кривично дело.
„Засега преку овие докази не може да се доведе до поврзаност со кривичните дела. Нема исказ кој би упатувал на тоа дека Палевски е сторител на ова кривично дело“, рече Витановски.
„Многу адвокати се оградија, ама јас цврсто и искрено верувам во невиноста на мојот клиент“, додаде Витановски.