Адвокатот, Вулнет Пачуку, кои ги застапуваше пред суд неправедно осудените во „Сопот“, вели дека не може да рече дека е задоволен со износот со кои ќе бидат отштетени неговите клиенти. Владата одлучи на осудените да им исплати надомест на штета од 5.500 денари за секој ден поминат во притвор, домашен притвор и во затвор. Тие, пак, на почетокот бараа по 12.000 денари од ден.
-Секако дека нема цена за осум до десет години поминати во затвор и притвор, колку што поминаа овие неправедно осудени. Но таков е стандардот во судската пракса во Македонија. Не можеме да кажеме дека сме задоволни, но сме согласни со овој износ. Односно и самите тужители се согласија поради што беше потпишана предлог спогодба – вели Пачуку.
Тој застапуваше шест лица кои беа осудени во овој предмет, а кои сега ќе добијат обештетување од државата.
Инаку, 11 жители на кумановското село Сопот, беа осудени дека во 2003 година подметнале мина, во чија експлозија загинаа двајца војници на НАТО од полскиот контингент и еден македонски цивил. Предметот премина во рацете на СЈО и во март 2018 година СЈО го повлече поради недостаток на докази кои би го докажале обвинението. По ова судијата им изрече ослободителна пресуда на обвинетите за тероризам.