Адвокатот на оштетениот родител: Чапаровски бараше пари од татко на инвалидизирано малолетно дете за операција во Германија

by Fokus

Откако на првото судско рочиште, екс директорот на скопската Клиника за неврохиругија Александар Чапароски призна вина и доби условна затворска казна од една година, „Фокус“ го контактираше и адвокатот на оштетената странка Јанаки Митровски кој ни даде попрецизни информации за случајот.

– Таткото од кој обвинетиот бараше пари е родител на инвалидизирано малолетно дете кое за потребите на хируршки зафат во Германија требало да прибави потврда од нашата клиника за Неврохирургија дека таков тип на операција не се прави во Македонија. Понатамошниот тек на настаните е повеќе или помалку познат на јавноста – истакна Митровски.

Тој додава дека е задоволен во однос на пресудата, затоа што обвинетиот ја прифатил одговорноста за своето противправно поведение.

– Во поглед на изречената казна истата, познавајки ги законските прописи и фактот да судот мора да цени олеснувачки околности од типот на неосудуваност, кооператвиност во постапката, признание на вина изразено каење и жалење и слично, пресудата е во рамките на моите очекувања – тврди Митровски. 

Чапаровски, исто така, според пресудата во наредните две години не треба да биде избран за директор.

Екс директорот на 30 мај беше уапсен по пријава на граѓанин, односно тој пријавил во полиција дека му побарал 1.000 евра за издавање на потврда со која неговото малолетно дете требало да замине на лекување во странство.

И.М.

 

Поврзани новости