Никола Додевски, кој ги застапуваше првите функционери на ВМРО-ДПМНЕ во истражните постапки на СЈО, е меѓу најплатените адвокати ангажирани од „Електрани на Македонија“. За три години Додевски инкасирал од ЕЛЕМ над 40.000 евра, дознава емисијата „Код“ на Телма.
Според податоците на „Код“, во 2014 за адвокатски услуги Додевски од ЕЛЕМ наплатил 1.285.020 денари, во 2015 година наплатил 1.401.840, а во 2016 година 350.460 денари. Додевски не бил ангажиран од ЕЛЕМ во 2017 година.
Додевски бил ангажиран и од МЕПСО, од 2014 до 2016 година. Тој е претседател на Адвокатската комора на Македонија. Од неговата канцеларија за „Код“ изјавиле дека Законот за јавни набавки не се применува при доделување на договори за јавни набавки за адвокатски и нотарски услуги и дека клинетите слободно го одбираат адвокатот.
За последните четири години ЕЛЕМ исплатиле 224.536 евра за адвокатски услуги, иако компанијата има правна служба.
МЕПСО пак за три години исплатиле околу 50.000 евра за адвокатски услуги. Меѓу адвокатите ангажирани од надвор е и канцеларијата на Илија Илиоски, поранешен советник на ВМРО-ДПМНЕ во Општина Центар и еден од реформаторите во партијата.
Во меѓувреме МЕПСО потпишале договор со поранешната министерка за правда од Владата на Бучковски, Мери Младеновска. Договорот, велат од таму, е рамковна спогодба.