Aдвокатот ме советуваше да не го плаќам лекувањето на Есма, ова е битка за два милиони евра, вели Симеон Атанасов

by fokus

Долг за лекување во болницата Аџибадем Систина на легендарната Есма Реџепова Теодосиевска, со износ од над 14.000 евра, се уште не е подмирен и по пет години од нејзината смрт, додека за нејзиното наследство се водат правни битки во кои се вклучени десетици лица.

Информацијата за неплатениот долг ја остави јавноста во неверување, бидејќи откако Есма почина, нејзини внуки од сестри и браќа, како и внуци на Стево, водат битка да ја наследат куќата на Кале, која според тестамент певицата ја оставила на државата, со цел да биде музеј. Од друга страна пак, Симеон Атанасов, едно од децата кои Теодосиевски ги одгледаа и кој беше менаџер на Есма до крајот на нејзиниот живот, се бори да ги наследи авторските права, кои вели дека според тестамент, Есма му ги оставила него.

Како се дозволило на толку луѓе кои се борат за некаков вид на наследство од Есма, да остане неподмирен нејзиниот долг за лекување, Атанасов за ,,Фокус” појаснува дека тој веднаш по смртта на Реџепова се понудил да го плати.

-Без никакво двоумење јас бев подготвен да го платам целиот износ за лекувањето на Есма. Но, тогаш мојот адвокат ми рече да не брзам, бидејќи јасно беше дека внуците на Есма ќе се борат за наследството, се работи за осум лица од фамилијата Реџепови, и ќе го оспоруваат тестаментот.

Според тестамент, јас сум наследник на авторски права, а тие ја бараат куќата на Кале. Се работи за имот кој вреди два милиони евра, затоа и адвокатот ми рече да се стрпам, да почекаме да се заврши судскиот процес, да видиме што ќе одлучи судот.

Како да не е доволна целата драма која се случува откако Есма почина, и внуци на Стево сега бараат дел од наследството. Се работи за едно семејство од Штип, и тие се надеваат дека ќе добијат дел.

Сите знаат дека Есма и Стево сакаа куќата да биде музеј, но кога се работи за имот со вредност од два милиони евра, сето ова е очекувано- раскажува Атанасов.

Тој, исто како и над 40 други деца кои Теодосиевски ги одгледале, законски не е посвоен. Според закон, бидејќи парот немал свои деца, наследството припаѓа на останати наследници, односно на внуци од сестри и браќа на Есма и Стево. Битката за докажување дека Есма во тестамент не им оставила ништо на внуците, туку на државата и на Атанасов, тој ја води долг период, а од куќата наместо музеј, со тек на време остануваат само руини.

Како потсетување, Есма почина на 73-година возраст во декември 2016 година. Две недели пред да почине, била примена во болницата, во тешка состојба.

Вики Клинчарова

Поврзани новости