Скопскиот адвокат Антонио Апостолски правно ќе го застапува екс директорот на Лотарија, Перпарим Бајрами, откако против него и уште петмина лица, меѓу кои и поранешниот вицепремиер Артан Груби, беше отворена истрага.
Информацијата за „Фокус“ ја потврди адвокатот Апостолски, кој појаснува дека денеска добил полномошното, а бил ангажиран од член на семејството на Бајрами.
Според досегашните информации, Бајрами веќе неколку недели се наоѓа во Косово. Бчера му беше одреден притвор, а денеска МВР распиша и меѓународна ппотерница и за него, но и за Груби.
Од скопското Обвинителство информираа дека, постапувајќи по поднесени кривични пријави од Министерството за внатрешни работи и од Управата за финансиска полиција, биле преземени повеќе дејствија и oд прибраните докази произлегува основано сомнение дека двајцата соизвршители, (Бајрами и Груби) како одговорни лица во АД Друштво за приредување игри на среќа “Државна лотарија” на РСМ, во текот на 2023 година, преку вршење на своите посебни овластувања и должности, заедно учествувале во дејствија на извршување на штета на акционерското друштво со намера да прибават противправна имотна корист за друг која се проценува на значителен износ од 501.319.119 денари од буџетот на акционерското друштво.
Од таму појаснија и за што точно е осомничен Бајрами.
-Првоосомничениот, претседател на Управниот одбор – Генерален директор на “Државна лотарија” на 09.05.2023 година електронски до Владата на РСМ во својство на Собрание на акционери на друштвото доставил информација за потребата од преземање активности за самостојно приредување електронски игри на среќа, при што било предложено да се спроведе постапка за набавка на ВЛТ терминали и нивно имплементирање. Проценетата вредност на таквата набавка изнесувала 42% од сметководствената вредност на друштвото определена со последните финансиски извештаи, односно станува збор за голема зделка за која согласно Закон е предвидена постапка за одобрување од Управниот и Надзорниот одбор на “Државна лотарија”, а не од Собранието на акционери. Предлогот бил даден иако осомничениот знаел дека набавката е беспредметна и непотребна, бидејќи АД “Државна лотарија” согласно Законот за игри на среќа нема право самостојно да приредува електронски игри на среќа на територијата на државава, бидејќи уште во 2013 година тоа право го има вложено во Државната видеолотарија – “Касинос Аустрија” ДОО Скопје како непаричен влог во вредност од 6.244.898 евра за што “Државната лотарија” се стекнала со удел од 51% во основната главнина на друштвото формирано со “Касинос Аустрија“, појаснија од Обвинителството.
Валентина Вурмо