Адвокатката Софија Бојковска за Академик обелоденува нови детали во врска со случајот за 13-годишното девојче штитеник на државната институција за згрижување на деца „25 Мај“ во Скопје. Имено, малолетничката во четвртокот, на 16.2.2018 година мораше да абортира бидејќи забременила по сексуалното малтретирање на кое била изложена. Овие детали, образложува адвокатката, се однесуваат на настани што му претходеле на абортусот.
„Во својство на полномошник, адвокат на биолошките родители на девојчето, во соработка со ЕЦПР, уште во април 2017 година преку повеќе преземени правни дејствија беше иницирано да се обезбеди посебна грижа и специјална заштита на детето, кое уште во тој период беше потенцијална жртва на трговија со луѓе. Сè до последното ескалирање на случајот, односно сè додека медиумски не се објави дека: малолетна штитеничка поради сексуално малтретирање забременила и абортирала, ниту една релевантна институција не ја исполни својата обврска и не беа преземени никакви мерки со цел заштита на детето“, вели Бојковска.
„Во контекст на изјавите кои беа дадени од страна на Министерството за труд и социјална политика и извештајот кој го даде МВР за конкретниот случај, со оваа изјава одговорно тврдам дека институциите меѓу кои: Центарот за социјална работа, Домот „25 Мај“, Министерството за труд и социјална политика и Основното јавно обвинителство беа летаргични, се однесуваа крајно неодговорно, непрофесионално и не постапуваа во согласност со закон, иако одамна беше алармирано дека станува збор за сериозни индиции кои укажуваат на повеќе сторени кривични дела врз ова малолетно девојче“, посочува адвокатката Бојковска.
Во април 2017 година, додава адвокатката, биолошките родители на девојчето посочија дека нивното дете е сексуално малтретирано и злоупотребувано во повеќе наврати откако е штитеник на Домот „25 Мај“, и тоа во периодот додека била исчезната од Домот. Честите исчезнувања на девојчето од Домот некогаш биле пријавувани на надлежните органи при МВР на РМ, но многу често и не било пријавувано дека девојчето е исчезнато, иако отсуството траело со денови, без никој од одговорните службени лица вработени во Домот да знае каде се наоѓа детето.
По извршено детално и сложено истражување на случајот, образложува адвокатката Бојковска, иако постоеја многу правни пречки и недоречености од процедурална природа, во својство на полномошник, адвокат на родителите на девојчето, беа преземени следните правни дејствија:
1.На ден 15.12.2016 година поднесен е и предлог за враќање на родителските права на биолошките родители на детето, кои веќе ја издржале изречената казна затвор и ги исполнуваат законските услови за враќање на нивните родителски права, но до денес судот сè уште не донел одлука по овој предлог.
2. На ден 8.5.2017 година беше поднесено барање до Центарот за социјална работа за поведување дисциплинска или судска постапка за несовесно, неодговорно и непрофесионално работење на поставениот старател на детето и на Домот за деца без родители „25 Мај“. Исто така, од Центарот за социјална работа баравме да преземат и други дополнителни мерки и дејствија за заштита на детето.
3.Во врска со поднесеното барање, надлежните од Центарот за социјална работа со известување од 23.5.2017 година одговорија: „Не постои неправилно постапување од страна на поставениот старател и од страна на одговорните лица во Домот за деца без родители „25 Мај“, Бутел – Скопје.“ Имено, лицето кое одговорило и одлучило на вака поднесеното барање до ЦСР е лично старателот на детето, социјален работник при Јавна установа Меѓуопштински центар за социјална работа – Скопје, па оттука спорна е заштитата која му се пружа на детето бидејќи токму овластениот старател на детето одбива да пружи соодветна грижа и совесно да ја врши својата службена должност.
4.Со цел да се заштити најдобриот интерес на детето, поради сите правни пречки кои постојат, со оглед на конфликтната ситуација и судирот на институционални интереси/ингеренции, биолошките родители на детето преку адвокат поднесоа и кривична пријава до Основното јавно обвинителство на ден 1.8.2017 година, против старателот и против Домот „25 Мај“, а надлежен јавен обвинител за случајот е Е. Н. По точно 6 месеци од поднесувањето на кривичната пријава одговор за некакви преземени дејствија од страна на Обвинителството нема.
5. На ден 17.1.2018 година е поднесена и граѓанска тужба за утврдување на дискриминација по основ на етничка припадност против МТСП, Центарот за социјална работа и против Домот „25 Мај“.
6. Во ноември 2017 година детето е префрлено и сместено во Домот за деца ЈУ завод за згрижување, воспитание и образование на деца и младинци „Ранка Милановиќ“, Скопје. Во периодот додека детето е сместено во „Ранка Милановиќ“, повторно исчезнува, а по нејзиното враќање е констатирана бременост поради сексуалното злоупотребување на кое било изложено додека отсуствувало од Домот.