Итна вонредна седница на Судскиот совет не подоцна од 10 јануари на која би се констатирал престанок на мандатот на судијата поротник во случајот „ТНТ“ бараат адвокатите на обвинетите. Доколку претседателот на Советот, Здравев не закаже седница, адвокатот Јовица Страшевски најави дека ќе поднесе кривични пријави до МВР и Јавното обвинителство.
Претседателот на советот, Киро Здравев за Сител изјавил дека седницата веќе е свикана, но таа ќе се одржи по ултимативниот рок на одбраната. Последната седница која се одржа на крајот на декември се одложи бидејќи немаше кворум.
Рочиштата за случајот „ТНТ“ ќе почнат на 13-ти месецов и следните две недели ќе се одржуваат секој ден.
Вчера одбраната испрати писмо до претседателот на државата, врховниот суд и амбасадорите на ЕУ, САД,Франција, Германија, со кое ги информираа за начинот на водење на предметот. Во него адвокатите пишуваат дека ефикасноста на постапката подразбира носење одлука на судечкиот совет кој е правилно составен и има мандат за донесување одлуки.