Адвокатот, Љупчо Шврговски кој го брани обвинетиот во случајот за масовното прислушување, Тони Јакимовски на денешното рочиште за случајот „Таргет-Тврдина“ побара изземање на претседателот на судечкиот совет, судијата Илија Трпков.
Образложението за ваквото барање е тоашто Трпков бил дел од кривичниот совет кој одлучувал за притвор на Јакимовски за „Таргет-Тврдина“ и донел решение тој да му биде продолжен на обвинетиот.
Според Законот за кривична постапка, судијата се иззема ако учествувал како судија на претходна постапка, но не и ако бил член на кривичниот совет, што е случај со Трпков.
Иако денеска во судот дојдоа двајцата „свиркачи“ што го открија прислушувањето, Ѓорѓи Лазаревски и Ѕвонко Костовски, сепак судот се уште нема почнато со главната расправа на повтореното судење за прислушувањето, кое Апелација пред два месеца го врати на почеток.
На повтореното судење каде главен обвинет е поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков ќе се изведуваат сите докази и ќе се испитуваат сите сведоци. Судењето треба да финишира до крајот на 2025 година кога му застаруваат делата на Мијалков.