На денешното рочиште за случајот „Тендери“, во кој обвинета е екс министерката за култура, Елизабета Канческа-Милевска беше предвидено да се слушаат бомбите кои Специјалното јавно обвинителство ги предложи како доказ, но адвокатите на Канческа побараа при нивно презентирање да се исклучи јавноста, односно „бомбите“ да се слушаат зад затворени врати.
-Бараме да се исклучи јавноста поради заштита на приватниот живот на обвинетите и на други лица, кои се дел од разговорите, рече адвокатот Еленко Миланов.
Обвинителите од СЈО пак, посочија дека не се исполнети условите за исклучување на јавноста.
-Приватниот интерес на обвинетите не може да биде пред јавниот интерес. Во овие разговори не се зборува за приватноста на обвинетите туку ќе се слушне како поранешни министри зборуваат за тендери, за плаќање на државни пари, па така граѓаните треба да знаат како министрите постапувале, истакна обвинителот Стевче Донев.
И обвинителката Лиле Стефанова истакна дека не се исполнети условите за исклучување на јавноста и побара судот да го одбие предлогот на одбраната ако неоснован.
Адвокатот Сашко Дуковски додаде дека не е точно дека во разговорите нема приватност, односно како што рече, има лична комуникација со ослонување со лични епитети.
Адвокатите појаснија дека на овој начин ќе се заштити и приватноста на сведокот предложен од СЈО, а кој е дел од прислушуваните разговори, односно постоеле навредливи квалификации на обвинетите кон сведокот.
В.В.