Адвокатите на Јанева: Разочарани сме, немаше докази дека Јанева е виновна!

by fokus

По објавата на пресудата за случајот „Рекет“, адвокатите на екс шефицата на СЈО, Катица Јанева, изразија разочараност од пресудата, најавувајќи жалба.

-Ние сме разочарани како одбрана на Катица Јанева од пресудата и казните што ги слушнавме. Прво сметаме дека казната е превисока. Судот во својот вовед кажа дека со оваа пресуда сака да се врати довербата во правосудството, но ние како одбрана сметаме дека со вакви пресуди не се враќа довербата во правосудството. Напротив, сметаме дека судот треба да суди врз основа на докази, а во конкретниот случај, докази дека Катица Јанева го сторила кривичното дело за кое е осудена не постојат, рече адвокатката Ирена Фрчкоска, која додаде дека ќе се борат до крај пред домашните но и меѓународните судови.

Адвокатот Дељо Кадиев најави жалба на пресудата.

-Драго ми е што јавноста беше присутна во овој предмет преку вас, новинарите. Пресудата судот ја носи во име на граѓаните на Македонија и тоа е со закон дадено право. Меѓутоа, граѓаните на Македонија преку вас новинарите и преку тоа што вие го пренесувавте, стекнаа убедување, а и ние имавме можност  надвор од оваа судница да видиме какво е чувството на граѓаните и како размислуваат. Лично и понатаму опстојуваме на тоа дека не постоеше ниту еден доказ за вината на Јанева, рече адвокатот Кадиев.

Поврзани новости