Исказот на поранешната специјална јавна обвинителка, Катица Јанева е вистината, за овој искреиран и исконструиран настан. Обвинителството нема апсолутно никакви докази за Јанева и очекуваме единствено и само ослободителна пресуда, изјави адвокатката на поранешната специјална јавна обвинителка, Катица Јанева, Ирена Фрчскоска.
Другиот адвокат на Јанева, Дељо Кадиев тврди дека нема никакво доказ дека Јанева зела пари и дека јавната обвинителка, Вилма Русковска ги повлекла сите вештачења и тврди дека не постои никаков доказ како е направена фотографијата и дали е нешто монтирано.
-Апсолутно не знаеме што има на масата, дали се тоа пари, се знае како нешто се оценува дали е пари, само со вештачење. А искрено да ви кажам, па не знам како ги преброи јавниот обвинител тие пари. На слика не може да преброите пари, вели Кадиев.
Тој вели дека доколку се точни тврдењата на бизнисменот дека во торбата „Луј Витон“ имало 1,5 милион евра, таа торба требало да биде тешка околу 25 килограми.
-Знаете ли колку тежи 1,5 милион евра, за кои Јордан Камчев кажа дека се во банкноти од по 50 евра, 80 проценти од нив. Значи 800 илјади евра во банкноти од по 50 евра, отворив на интернет, тежат 18 килограми. Толку тежат само 800-тините илјади евра. Тој вели дека таму ставал и покрупни банкноти до милион, па ставал весници списанија. Тој куфер би требало да тежи 25 килограми. Погледнете како го носи Кичеец на таа снимка и заклучете сами, вели Кадиев.