Ако патот ве одведе во угостителскиот локал „Ча-Ча“ во Скопје, уште пред самиот влез вниманието ќе ви го привлече малото топло засолниште, на покриен дел веднаш пред самата врата, двете улични кученца кои таму се топлат, како и садовите со храна за нив.
Во ладните зимски денови, кога температурите паѓаат под нулата, праксата да им се помогне на уличните кучиња, давајќи им топла покривка, храна и вода, присутна е во повеќето земји во соседството. Чести се таквите слики, на пример во соседна Грција, Бугарија, Србија, Турција… Сопственици на локали или бутици редовно, во тек на цела година оставаат храна пред нивните објекти за уличните кучиња, а пак во зима многумина од нив ги пуштаат животните и внатре, да се стоплат. Кај нас, сеуште се реткост ваквите примери за грижа и емпатија кон уличните животни, па сликата пред „Ча-Ча“ спонатно измамува насмевка кај љубителите на животните.
Скопскиот угостителски локал „Ча-Ча“ е во сопственост на фамилијата Гаџа, важи за урбано катче средено според високи стандарди, во популарниот „Индустриал стил“, комбинација на дрво и метал, со многу зеленило и ароматични свеќи кои даваат дополнителна топлина на местото.
Сопственикот, Адријан Гаџа, на почетокот на 2000-те години беше едно од најпопуларните музички имиња помеѓу младите генерации, а во 2008 година беше наш евровизиски претставник заедно со Тамара и Врчак со песната „Let Me Love You“.
Тој потоа се повлече од сцената и се посвети на семејниот бизнис со угостителство, и за „Фокус“ вели дека двете улични кученца за кои е направено топлото засолниште, самите дошле пред локалот пред повеќе од две години, и станале дел од „Ча-Ча“.
-Кученцата се премили, а идеја на мајка ми беше да им направиме засолниште, да лежат на топло во ладните зимски денови. Сите вработени во локалот ги засакаа, редовно ги храниме, веќе двеипол години, и се грижиме за нивните потреби.
Машко и женско се, Алмира и Чарли, и многу се паметни. Самите се научија да си отворат врата ако им е многу ладно и да влезат во локалот, ме радува тоа што гостите ги прифатија и кученцата се вистинска атракција. Посебно Чарли, кој ги освојува симпатиите на посетителите, така што веднаш легнува на грб и очекува да го погалат.
Свикнавме на нив, како и тие на нас, ние им пруживме сигурност, а тие нам секој ден не радуваат – ни раскажа Адријан.
И вработените во локалот велат дека на Алмира и Чарли гледаат како на дел од „Ча-Ча“, свикнати се на нивното присуство и нормална човечка реакција им е тоа што во зима им е овозможено да имаат топло катче, бидејќи и животните имаат душа, а на добрината возвраќаат со многу љубов и приврзаност.
Инаку, локалот се отвори во 2019 година и е познат по пријатниот амбиент и добрата храна. Цените се пристапни, порциите со специјалитети се обилни, а емаптијата кон животните е уште една причина повеќе да се посети ова катче.
Вики Клинчарова